Image Alt

Reader's Choice Book Awards, 2022

Goodreads Awards како една од инспирациите за RCBAwards

Сподели ја љубовта кон книгите

За Изборот на книга на годината RCBA, 2020, поразговаравме малку со Ивана Спасев, уредник и основач на издавачката куќа Сакам Книги, која пред неколку години ја доби првата награда за промотор на читачката култура во Македонија од МАИ. Издавачката куќа Сакам Книги всушност своите корени ги пушти уште пред повеќе од десет години, со првиот и единствен портал за љубители на книги во земјата, каде што се собраа повеќе од 50.000 хард кор читатели, да ја споделат својата љубов кон книгите и читањето. Сега, ни го „носат“ првиот Избор на книга на годината во земјата. Во продолжение неколку кратки прашања и одговори за приказната на Reader’s Choice Book Awards.

 

Од каде потекна идејата за Изборот на книга на годината?

Идејата за RCBA се крчкаше во мојата глава со години. Отсекогаш сум ги следела странските избори и награди од овој тип, ги има речиси во секоја земја, но особено со душа го чекам најголемото гласање за избор на книга на годината во светот, а тоа се наградите на Goodreads. Но книгите за кои се гласа на сите овие други странски избори речиси никогаш не се истите книги кои ние ги читаме дома во текот на годината (кај нас продукцијата секогаш малку доцни, за жал, затоа што не можеме да постигнеме да ги издадеме сите светски хитови баш во истата година), па тоа правеше изборите малку да ја губат убавината за мене. Посакував да имаме домашен избор на книга на годината, со книгите кои се издадени во нашата земја во текот на изминатата година. Знаев дека настанот би бил многу интересен за македонските читатели, дека би било супер да се види што најмногу се читало во земјата таа година, а и сите ние да добиеме идеи што вреди да се прочита следно. По неколку години горење на желбата, оваа година конечно бевме во можност да ја реализираме идејата.

 

Во трка се околу 150 номинирани наслови, од над 15 различни издавачи, во 9 жанровски категории. Дали беше тешко да се организира настанот?

Тешко не, го работиме проектот со љубов како што правиме и сè друго, а љубовта секогаш ги олеснува нештата. Но бараше многу време, организација, труд, комуникација… Но, ние во Сакам Книги отсекогаш сме биле прво читатели, а потоа издавачи; секогаш сме го сакале најдоброто за читателите и отсекогаш сме се залагале за унапредување на читателската култура во земјата.

 

Кои се вашите очекувања од Изборот на книга на годината?

Се надеваме дека RCBA ќе стане традиционален книжевен настан во земјата и дека читателите со душа ќе го исчекуваат гласањето во ноември секоја година, за заедно да ги одбереме најчитаните книги од изминатите 12 месеци. Очекуваме дека во изборот годинава ќе се вклучат најмалку 10.000 гласачи, а од следната година ќе се активираат уште повеќе издавачи, гласачи, читатели, портали итн. Особен интерес очекуваме и за огромните дарувања кои се планирани за време на изборот и веќе имаме одвоено околу 200 книги кои ќе бидат подарени на социјалните медиуми (потенцијални добитници ќе бидат сите оние кои ќе гласаат за своите омилени книги).

 

Текст: Симона Атанасовска

Напиши коментар

RCBAwards - Книга на годината 02 312 2708 info@kniganagodinata.mk