Image Alt

Reader's Choice Book Awards, 2022

Совети од блогерката Читателка за оние кои сакаат да креираат книжевен блог

Сподели ја љубовта кон книгите

Новото време и сите предизвици кои ни ги донесе оваа 2020-та година, ни отвори и некои нови можности, меѓудругото, повеќе слободно време поминато дома кое многумина го искористија за читање книги. Некои се вратија на ова хоби по долго време, верните читатели пак само го зголемија бројот на прочитани книги, а некои од вас се свртеа кон други активности кои само ја дополнуваат љубовта кон книгите – фотографирање книги, отворање на книжевен профил на социјалните мрежи, или пак креирање блог. Верувам дека постојат многу љубителите на книгите кои барем во еден момент размислувале за тоа да креираат книжевен блог каде што ќе можат слободно да ги споделуваат нивните импресии од прочитаните книги, а на тој начин и да се поврзат со други истомисленици. Во светот, книжевните блогери се важна алка во целиот процес на издаваштво и често добиваат можност да прочитаат книги пред тие да бидат издадени, со цел да дадат своја рецензија, да го промовираат и презентираат конкретниот наслов пред своите следбеници, а не ретко нивните импресии од прочитаното можат да се најдат и на кориците на самото издание кое излегува од печат. Кај нас, книжевните блогови се ретки, па секогаш се радувам кога ќе наидам на некој наш читател кој решил љубовта кон книгите да ја однесе на повисоко ниво.

 

Ако сте се двоумеле за тоа дали да креирате блог и да почнете да се бавите со ова хоби, најпрво искрено ве охрабрувам. А за да ви ја олеснам работата на самиот почеток, со вас споделувам неколку совети од моето (скоро) тригодишно водење на блогот Читателка.

 

Разгледајте ги техничките опции и одберете платформа

Секако, покрај изборот на име на блогот, важно е да размислите и која платформа би ја користеле. За среќа, во денешно време постојат многу бесплатни платформи, кои истовремено се и многу лесни за користење и не мора да бидете премногу упатени во целиот процес кој се случува во позадина. Сепак, имајте на ум дека на почетокот ќе потрошите драгоцено време на техничкиот дел, но тоа не треба да ве обесхрабрува, бидејќи штом ја поставите основата, потоа само ќе го надополнувате блогот од содржински аспект. Доколку имате од каде да побарате помош во однос на ова, тогаш искористете ја, бидејќи ќе ви биде од корист секоја информација која можете да ја добиете. Во спротивно, можете да најдете многу статии, прирачници и видеа кои ќе ве упатат и ќе ви помогнете да го решите секој технички проблем.

 

Направете план за тоа како сакате да изгледа вашиот блог

Откако веќе ќе ја поставите основата, почнува вистинската игра – испробајте различни идеи, комбинирајте дизајни, размислете кои сегменти би сакале да ги има вашиот блог и чекор по чекор, почнете со градење на вашето ново катче.

 

Водете забелешки за книгите додека ги читате

Направивте сè што треба? – Доаѓа делот каде што веќе треба да размислувате за содржината. Ако сакате да почнете конкретно со рецензии на книги, тогаш мојот совет е секогаш додека читате, да си водите забелешки на страна – што ви се допаднало, што не ви се допаднало, што ве заинтригирало, какви дилеми ви предизвикала книгата… Сè она што би сакале да го споделите со вашите читатели, забележете го во моментот кога ќе ви падне на ум, бидејќи многу често се случува да заборавите на голем дел од работите откако ќе ја дочитате книгата.

 

Забележувајте ги цитатите кои ви оставиле впечаток

Ова е еден убав сегмент кој можете да го имате во самата рецензија на книгата, бидејќи има двојна улога – од една страна цитатите ви остануваат засекогаш забележани вам лично, а од друга страна на вашите читатели им давате поблизок приказ на самата книга. Преку цитатите, тие ќе можат, на пример, да насетат дали би им се допаднал самиот стил на пишување, или пак темата што ја обработува книгата.

 

Не пишувајте само за книги што ви се допаднале

Вашиот блог не мора да биде само убава презентација на книги што ви се допаднале – бидете слободни и пишувајте и за оние што не би ги препорачале. Како читател, секогаш ги читам и позитивните, но и негативните критики за некоја конкретна книга, за на крајот врз основа на тоа самата да одлучам дали да ја читам или не. Бидете искрени, но и конструктивни во вашата критика.

 

Пишувајте ги причините зошто некоја книга (не) ви се допаднала

Никогаш во рецензиите не останувајте само на тоа дали ви се допаднала некоја книга или не. Образложете ги причините. Некогаш, тие причини се многу субјективни и кај некого можеби ќе го остават спротивниот впечаток. На пример, мојата критика кон одредена книга може да биде дека ликовите се добро изградени, но на сметка на тоа дејствието се одвива многу бавно. Ваквата забелешка за некој друг читател пак, може да биде причина тој да се одлучи да ја прочита. Секој има различен вкус, а некогаш причините зошто некоја книга (не) ни се допаднала, се врзани токму за тоа. Затоа, секогаш фрлете светло врз она кое било пресудно за да го креирате вашиот впечаток.

 

Не ги трошете сите идеи наеднаш

Штом ќе го отворите блогот, верувам дека уште веднаш ќе ви паднат милион теми на памет за кои можете да пишувате. Особено ако сте голем љубител на читањето, зборувањето за книги за вас секогаш ќе биде неисцрпна тема. Но, полека. Закочете. Најпрво направете план и распоред по кој ќе ги објавувате статиите. Доколку имате идеи и инспирација – слободно пишувајте до бескрај, но подредете ги статиите и објавувајте ги на определено време. На тој начин ќе бидете константни и нема прерано да се заситите од пишување и објавување.

 

За крај…

Не се оптоварувајте со бројот на кликови

Запомнете – ова е хоби и треба да биде забавно. Треба да биде нешто кое ќе го правите со љубов, бидејќи само така ќе опстои на долг рок. Затоа, не се оптеретувајте со некакви бројки и статистики на кликови или посети и не дозволувајте тоа да ви биде некаква демотивација за да се откажете. Порано или подоцна, читателите на вашиот блог ќе си дојдат, а ќе ги задржите само ако преку она што го творите, им ја пренесувате љубовта кон книгите.

 

Читателка

Напиши коментар

RCBAwards - Книга на годината 02 312 2708 info@kniganagodinata.mk